Времепловот на мојот живот, а не на мојот facebook
Времеплов, патување низ времето, понекогаш низ сеќавањата, понекогаш низ минатото, а понекогаш и кон иднината. Честопати знае да донесе носталгија, копнеж за она што поминало и што толку ни недостасува, а сепак самата помисла ни ја грее душата. Знае да биде и мечтател, да го натера човека да сонува и да ја погледне иднината, да му даде визија за она што тој сака да го види на светот. Времеплов.
За мене времепловот отсекогаш претставувал враќање кон минатото, оживување на старите спомени и враќање на радоста од среќните денови. Секогаш на убавите мигови. Претставува нешто лично, човек сам со своите мисли.
Мојот времеплов ме враќа на денот кога овој збор доби сосема друго значење за мене. Друга димензија. Времепловот стана место каде што човек се фали, жали, си кажува што мисли, слободно коментира за апсолутно сè. Првично, можеби и не бил така замислен, но ние тоа го направивме. Времепловот е сега ваше огледало, ваша слика пред стотина “пријатели“, олицетворение на сè она што (не) сте.
Која е целта? Па и нема некоја цел. Претставува само една површна забава, начин да ги поминеме долгите здодевни часови пред компјутерот или со мобилниот телефон во рака, одржувајќи една привидна слика за пријателство со петстотини, илјада луѓе коишто можеби и нема да ве поздрават на улица. И да не се залажуваме, колку и да го критикуваме, сите го обожуваме. Едноставно, нешто нè тера да му се вратиме и уште малку да “споделуваме“ многу “важни“ податоци за нас што останатите “навистина“ ги интересираат.
Но, кога ќе размислам повеќе, сепак сфаќам дека сакам да му се вратам на времепловот на мојот живот, оној што ќе ме потсети на убавите денови и ќе ми ги врати избледените спомени.
Мојот времеплов е како една стара музичка кутија, постојано ја свири истата мелодија. Тоа е една среќна мелодија, што понекогаш прескокнува тон или два, но секогаш продолжува. Балерината во средината танцува без престан, но никогаш според некоја кореографија. Си дозволува да се движи понесена од тивките ноти на веселата мелодија секогаш кога на површината ќе исплива радоста на старите спомени.
Можеби е стар албум за слики со правливи корици. На секоја страница стои различна избледена фотографија со истата насмевка што ме враќа назад во токму тој миг, до најраните сеќавања.
На првите страници се наоѓам јас, штотуку донесена на свет. Мало бебе со темна косичка во мирен, бебешки сон. Околу мене, луѓето заслужни за моето постоење, моите родители. Блажена насмевка ги краси нивните лица и тоа е доволно за и кај мене да измами, после толку години, една таква.
На следната страница, гледам мало девојче што ја дува првата свеќичка на роденденската торта еден студен декемвриски ден, облечено во грижливо избраното фустанче во комбинација со соодветно џемперче. Повторно околу мене сите што ги сакам, сите што мојот времеплов го прават единствен.
Со штотуку направени првите чекори се гледам себеси како триумфално се смешкам, подготвена да го освојам светот. Овојпат, немирно трчам по песокливата плажа како да ја поседувам. И тоа никому не му пречи, единствено на моите родители што се трудат да ме фатат, а јас тоа злобно им го оневозможувам.
Свеќичките на роденденската торта се множат, а јас и понатаму ги прелистувам старите фотографии и патувам далеку, во времето кога сè беше поинаку.
Се гледам себеси занесена во играта со моите братучеди во дворот на тетка ми, а веќе неколку минути подоцна расплакана бидејќи некој друг ја сака мојата омилена играчка. Се гледам себеси во бескрајните денови поминати во градинката, како единствената ми е која кукла да ја одберам овојпат, а останатите да не се “налутат“ затоа што не си играм со нив. Потоа се гледам себеси повторно на оној декемвриски ден кога за роденден посакав мама и тато да ми “купат“ братче или сестриче, што десетина месеци подоцна и се оствари.
Времепловот ме враќа на оној облачен октомвриски ден кога мојата сестра првпат заплака и јасно ни стави на знаење дека од тој ден па натаму, јас не сум единствената дома. Никогаш нема да ги заборавам оние денови кога таа беше толку мала, а јас се чувствував толку важно како постара сестра – нејзина заштитничка.
Ја гледам и мојата фотографија во возот, на моето прво и единствено патување со воз, за коешто е заслужен дедо ми. Тој себеси си ветил дека на секое од шесте внучиња ќе му овозможи едно кусо патување со воз што тоа заскогаш ќе го памети. И јас навистина ќе го паметам.
Се враќам на деновите кога со дедо заедно ги читавме песните на Пушкин, а со баба правевме такви колачиња какви што никаде на друго место нема да пробате. Се потсетувам на првиот училишен ден, кога конечно дочекав и јас да бидам дел од училиштето како и сите “големи“ деца. Се потсетувам на деновите кога го возев велосипедот без помошните тркалца, кога го добив првото свидетелство со сите петки и никој не беше среќен како јас.
Се сеќавам на бескрајните игри со другарчињата од маалото, сите оние моменти кога “само уште пет минути“ беа доволни за да се изиграат уште милион игри и безволните одења дома на ручек или на капење. А детективските теории за мистериозните баба-роги во маалото?
Се гледам себеси со сите свои помали и поголеми успеси, детски радости и широки насмевки. Затоа што вистинскиот времеплов на мојот живот е во мене, во сите сеќавања што ги носам со себе. Мојот времеплов нема потреба никој да го “лајкнува“ или коментира за да почувствувам дека е вреден. Јас и без тоа знам дека времепловот на мојот живот е оној што ќе измами насмевка на моето лице со секое сеќавање, а не оној што им се допаѓа на другите.
ПРВО МЕСТО:
АНА ЈАНЕВА -Скопје
СУГС „Георги Димитров“